СДСМ повеќе пати го враќаа законот за јазици и не го ставаа на гласање затоа што тие и внатре имаа проблем и нивните пратеници не сакаа да го гласаат законот бидејќи знаеја дека е погрешно, и во процедурата и во содржината, изјави генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев во „Само вистина“ на телевизија Канал 5.

– Законот за јазици ниту беше ставен на маса од страна на ВМРО-ДПМНЕ, ниту пак ВМРО-ДПМНЕ ги распламти националните интереси со тој закон. Тоа го направи СДСМ ставајќи го законот на маса и тоа само за да ја зачуваат бројката во Собрание, бидејќи без таа бројка оваа влада не може да опстои, рече Јанушев.

Тој потенцираше дека СДСМ со овој закон само ги вжешти тензиите помеѓу граѓаните, на што во многу наврати беа предупредувани од ВМРО-ДПМНЕ, но како што додаде, СДСМ како за се друго се прават глуви на предупредувањата.

– За влада која се декларира која донела демократија, која што сака да има дијалог, да оди во Собрание каде што ќе се поднесат амандмани и притоа да не сака да ги гласа и на таков шверцерски, нелегитимен и нелегален начин да го протне законот е спротивно на сите демократски принципи. На сите вредности кои што се залагаа. Ако беше така, имаа прилика да покажат дека тоа е тоа за тоа што се залагале, рече Јанушев

Јанушев исто така нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ побара овој закон да биде повлечен за да може преку разговори да може да се направи да биде во согласност со Уставот, а со тоа и применлив закон.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/04/2018 09:56