Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу и раководителите на Центрите за развој на осумте плански региони денеска ги потпишаа Договорите за финансирање на активности за поттикнување на рамномерниот регионален развој.
Со десет милиони денари обезбедени во рамките на проектот Оддржлив и инклузивен рамномерен регионален развој, поддржан од швајцарската Влада, во наредната година, Центрите за развој во осумте плански региони ќе организираат по четири регионални форуми во кои што ќе бидат вклучени жителите од општините во планскиот регион.
- Преку инклузивен пристап ќе бидат дефинирани регионалните приоритети, како резултат на што граѓаните кои што ќе учествуват на форумските сесии ќе одлучат кој проект во планскиот регион ќе биде финансиран во следната фаза, а за кој веќе се обезбедени средства со поддршка на швајцарската Влада. Целта е да се подигне свеста за заеднички пристап во решавањето на регионалните прашања, преку вклученост не само на локалните власти туку и на граѓаните. информираат од Министерството за локална самоуправа.
Министерот Фазлиу рече дека се поддржува подготовката на проекти во неколку важни области, како што се поттикнување на развојот на туризмот, животната средина, бизнис инфраструктурата, како и социјалната инклузија.
- Главно станува збор за инфраструктурни проекти кои што можат брзо да продуцираат ефекти, како и изработка на техничка документација за големи регионални проекти, со што ќе може да се аплицира во други фондови, рече Фазлиу истакнувајќи го учеството на граѓаните како нов пристап во планирањето на регионалните приоритети.
Во наредната година ќе бидат финансирани и активности на Бизнис центрите кои што функционираат во рамките на секој регионален центар, главно за обезбедување на советодавни услуги за потенцијалните и постојните мали и средни претпријатија.