Кривичниот суд во Скопје денеска донесе втора ослободителна пресуда за Лирим Динарица, Емрула Емрулаи, Рамиз Асани, Муча Бајрами, обвинети во случајот на тројцата убиени полицајци Кирил Петрушевски, Ацо Ангеловски и Ерол Готак, на влезот во Арачиново во јануари 2000 година. Од натамошен прогон во меѓувреме беа ослободени и обвинетите, сега веќе починати, Башким Асани и Агим Асани.
Судскиот процес за убиството на тројцата полицајци трае 18 години. На овие жители на Арачиново им се судеше затоа што, според обвинението, ги застрелале полицајците Петрушевски, Ангеловски и Готак.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски оваа скандалозна одлука на судот ја поврзува со низа неразрешени случаи поради кои кулминира несигурноста на граѓаните. Кога толку многу криминалци се на слобода, а правдата недостижна тогаш е јасно дека најголемите криминалци се во владата, коментора Мицкоски на Фејсбук.
Неговиот статус го пренесуваме во целост.
„Виновници за тројното убиство во Арачиново нема. Виновници за разнесувањето на џипот на полскиот контингент на НАТО во кумановско, нема. Виновници нема ниту за петкратното убиство кај Смилковско Eзеро, бидејќи осудените за масакрот во случајот „Монструм“ се на слобода. На слобода се и стотици затвореници и осуденици за криминал кои оваа Влада ги амнестираше. За оние од Диво Насеље се бара меѓународна арбитража. Владата и Зоран Заев амнестираат криминал и убиства, додека политичкиот терор расте.
Несигурноста се враќа по улиците. Правдата кога се заменува со политика, нема правда, но нема и мир. Кога толку многу криминалци се на слобода, а правдата недостижна тогаш е јасно дека најголемите криминалци се во владата. Постизборната платформа на албанските партии потпишана во Тирана, во која се вети слобода за сите овие случаи, како да ја пишувал некој нов Нострадамус упатен во сите овие судски процеси или судовиве сфатија колку многу е “визионерски” документот, па одлучија да го реализираат.“