Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) денеска го отвори Центарот за трансфер на технологии и иновации ИНОФЕИТ чија цел е да ги спои образованието и индустријата и да биде интеракција меѓу кадарот на ФЕИТ, неговите студенти и индустриските партнери.

Деканот на ФЕИТ Димитар Ташковски истакна дека идејата им е компаниите, професорите и студентите во Центарот да развиваат нови производи и услуги и да вршат трансфер на знаење од научни и истражувачки резултати во прототип кој индустријата може да ги доработи до ниво на производ со минимален технолошки ризик.

- На овој начин може да се создадат нови производи и услуги со значителна додадена вредност, кои ќе бидат конкурентни на меѓународниот пазар. Од друга страна, преку соработката со индустријата сакаме да влијаеме и на начинот на изведување на наставата и подготовката на студентите. Сакаме да го донесеме реалниот сектор поблиску до студентите, особено до студентите на магистерски и докторски студии. Наместо на симулации да работат на реални проблеми, кои бараат интердисциплинарност и тимска работа. На овој начин, студентите ќе ги подобрат своите знаења и вештини, што секако ќе ја подобри нивната конкурентност на пазарот на трудот, рече Ташковски.

Министерката за образование и наука Рената Дескоска рече кога минатото лето, набргу по преземањето на министерската функција присуствувала на доделување дипломи на студенти кои дипломирале и магистрирале на ФЕИТ, била поразена од фактот што дел од нив и не биле во Македонија, туку дипломите ги земал некој од нивното семејство.

- Тогаш пред тие студенти ветив дека ќе направам се што е во моја моќ да придонесам во остварување на стратешката цел на Владата, а тоа е задржување на младите во Македонија и враќање на нашите млади научници дома. И тоа ветување и стратешка цел на новата Влада ја остваруваме, рече Десксока, додавајќи дека отворањето на ИНОФЕИТ е продолжение на таа успешна приказна.

Ректорот на УКИМ Никола Јанкуловски истакна дека Универзитетот секогаш ќе ги поддржува храбрите и иновативните.

- ИНОФЕИТ, креиран од ФЕИТ, но поддржан од стопанството и од МОН и од УКИМ, претставува практичен момент за функционална соработка меѓу теоријата и науката, од една страна, и стопанството и праксата, од друга страна. Затоа, како најстара високообразовна институција во Македонија ќе ги поддржуваме образовните програми и процеси кои се во согласност со потребите на стопанството, рече ректорот на Скопскиот универзитет.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/04/2018 18:30