Мандатот на гувернерот на Народната банка, Димитар Богов истекува во мај.

Тој беше избран во март 2011 година, а стапи на функција на 21 мај. Дебатата за нов се отвора со слаб интензитет или некако срамежливо. Се претпоставува дека е така бидејќи гувернерот го предлага Претседателот на државата, а го избира мнозинство во парламентот, и оти во овој момент е тешко да се постигне согласност помеѓу претседателот Ѓорге Иванов и мнозинството во парламентот предводено од владејачката СДСМ.

Имиња за нов гувернер официјално нема, ниту дебата по oва прашање. Се шпекулира со некои како Зоран Јовановски, поранешен потпретседател на СДСМ, Ванчо Узунов, советник на премиерот Зоран Заев за финансии како и Фатмир Бесими кој исто така е советник во Кабинетот на Премиерот за странски инвестиции и поранешен потпретседател на ДУИ.

Од друга страна од Кабинетот на претседателот кратко информираат дека се вршат консултации со експерти во врска со ова прашање.

Колку за илустрација, мандатот на Марио Драги, прв човек на Европската централна банка завршува следната година, но веќе се дебатира за неговиот наследник.

Дел од експертите објаснуваат дека ситуацијата воопшто не е едноставна зошто со завршување на мандатот на гувернерот, ограничена е функцијата на вицегувернерите. Тие укажуваат „значи согласно правните норми, монетарната политика во Македонија ќе остане обезглавена“.

Согласно Законот за Народна банка, гувернерот има право на повторен мандат со траење од седум години. За негов избор во Собранието потребно е просто мнозинство.

Сепак каква ситуација ќе следи е крајно неизвесно, меѓудругото, поради различните мислења кај експертската јавност. За Заменик министерот за економија, Кире Наумов најдобро е во ваква ситуација кога не се знае дали воопшто е можно да се постигне согласност помеѓу претседателот Иванов и мнозинството во парламентот кое го избира гувернерот, најдобро е да нема гувернер.

-Кога Македонија можела да функционира без влада, без Претседател на Собрание, ќе може и без гувернер. Тука се вицегувернерите и ќе си ја вршат работата. Впрочем, затоа и законодавецот пропишал неколку вицегувернери кои во наредните неколку месеци остануваат во полн капацитет. Што се однесува до супервизорската функција, во последниот период најголем број од банките си ги спроведуваат сите свои бизнис замисли скоро и како да нема гувернер. Исклучок се неколкуте помали субјекти кои не се по неговиот бизнис или политички вкус, така да и оваа функција може безпрекорно да ја извршуваат вицегувернерите, вели Наумов во изјава за Makpress.mk

Затоа додадава Наумов „ако се има во предвид непремостливата деструктивна константа во овој процес со име Ѓорѓе Иванов, најдобро решение е да нема гувернер во наредните неколку месеци, додека не се избере нов Претседател на државата на фер и демократски избори“.

За разлика од него, за професорот на Економскиот факултет, Трајко Славески и поранешен Министер за финансии за Македонија е крајно неповолно ако Народната банка остане без гувернер.

-Во таква ситуација може да дојде до нарушување на макроекономската и финансиската стабилност, ќе влијае негативно на инвестициите, ќе биде уште еден удар на перспективите за раст на македонската економија на краток и среден рок, изјави Славески за Makpress.mk.

Славески додава дека доколку дојде до ваква ситуација излезот е во тоа да му се продолжи мандатот на досегашниот гувернер, односно претседателот Иванов да достави ваков предлог до Собранието и пратениците да гласаат за истиот. Д.Б/С.Д

Ќе остане ли монетарната политика без кормилар?


Автор: Администратор
Објавено на: 15/04/2018 23:58