Прехранбената индустрија „Витаминка“ започна со производството на маслото за јадење „Брилијант“ со што е рестартирано производството на овој бренд откако прилепската компанија ги купи погоните за производство и познатиот бренд „Брилијант“. Во погоните, како што соопштуваат од компаниајта, во Штип повторно се ангажирани околу 70 поранешни вработени, а дневно ќе се произведуваат 150 тони или 39 илјади тони годишно. Според генералниот директор на „Витаминка“, Сашо Наумоски, новиот „Брилијант“ е тројно рафинирано масло за јадење произведено со современа и технолошки модерна германска опрема што ја прави фабриката во Штип единствена на Балканот со три рафинатори во производниот процес. Ова е нова фаза на работењето на „Витаминка“. - Со рестартирањето на производството на „Брилијант“, Витаминка влезе во нова фаза од своето работење и отвори нови перспективи во развојот на компанијата. Покрај обезбедувањето суровинска база за потребите на производството, новиот „Брилијант“е висококвалитетен производ единствен по составот, чистотата и технолошкиот процес, достапен за граѓаните. Оваа инвестиција добива многу поголемо и пошироко значење, а за Витаминка ќе значи, пред се, подобрена деловност и можност за растеж, изјави Наумоски. Новиот Брилијант ќе биде достапен со препознатливиот изглед, но помодерен, со мал редизајн на етикетата. Пред два месеца, за 7,3 милиона евра „Витаминка“ ја купи штипската фабрика . Ги купи целиот недвижен и движен имот на штипскиот производител како и правата од индустриска сопственост, што вклучува трговски марки и индустриски дизајн.