Дали сомнителните бизнис интереси и милионските шеми помеѓу власта и приватниот бизнис стануваат приоритет, а интересот на граѓаните останува во втор план за оваа влада и оваа гарнитура.
На седницата за гласање на доверба на владата, граѓаните јасно слушнаа дека вицепремиерот Кочо Анѓушев, кој што беше своевремено претставуван како еден од најбогатите луѓе во државата, дента кога стапнал на функцијата втор човек во владата на Заев имал долгови од 26 милиони евра?
Поминаа 5 дена, а од Анѓушев нема никаков коментар. Граѓаните се прашуваат дали долговите, кои што ги има Анѓушев се причината за негово активно влегување во политиката и дали тој ја користи функцијата втор човек во владата на Зоран Заев за добивање на тендери и државни привилегии?
Веднаш по доаѓањето на Кочо Анѓушев на функцијата вицепремиер, неговата фирма „Фероинвест“ доби тендер во висина од 2.6 милиони евра од државната фирма ЕЛЕМ.
Граѓаните останаа фрапирани кога Анѓушев во екот на преговорите за името на Република Македонија, и идентитетот на Македонија, почна да лицитира со имињата и кажува дека се е прифатливо. Дека е прифатливо Нова, Горна, Северна или било какво друго решение кое што според неговите зборови тој е согласен за тоа. Набргу потоа граѓаните дознаа дека Анѓушев е во фаза на продажба на неговата фирма за трговија со струја, ЕДС, на грчкото државно електростопанство, фирма која што е во доминантна сопственост на грчката држава. Дали ова е случајно или не?
Сомнежите за злоупотребите на функцијата во повеќе инстанци не застануваа тука. Владата во ноември минатата година ја укина царината за литиум - јонски акумулатори само за производителите на машини и други производи што користат вакви батерии, но не и за трговците. Единствена фирма во Република Македонија која што користи вакви акумулатори е фирмата „Брако“, токму во сопственост токму на Кочо Анѓушев.
Граѓаните прашуваат дали Кочо Анѓушев со нивните пари од Буџетот на државата преку разни тендери и преку разни царински ослободувања ги враќа долговите кои ги имал пред да влезе во политиката?
Додека фирмите на Анѓушев нижат тендери и царински ослободувања, државата економски очигледно стагнира па дури оди надолу. Животот очигледно дојде само за фирмите блиски до врвот на власта. Државните средства не смеат и не треба да се користат за враќање на нечии долгови.