Премиерот Заев вели дека е оптимист и дека има прогрес во разговорите, а во исто време дава изјава дека е подготвен да ја заврши кариерата доколку тоа е цената на решавање на спорот, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за „Република“.

-Прво, треба да објасни на што го темели оптимизмот. Ако тоа е нешто убаво, да се радуваме сите. Второ многу поопасно е тоа што тој со ова признава дека е подготвен да донесе решение кое нема да му се допадне на народот, решение за кое е свесен дека ќе значи крај на неговата кариера, што значи и дека концесиите се преголеми. Премиерот треба да се бори за државните и национални интереси и ако тоа го прави, тогаш нема од што да стравува, истакна Мицкоски.

Премиерот вели дека за решение фали уште малку и дека кај многу работи е постигнат напредок. Запрашан за коментар за оваа тема, Мицкоски одговара:

– Јас не знам за што е постигнат напредок, но знам кога има нелогични работи. Слушаме од Заев како вели дека има огромен напредок, остана уште името и опсегот на употреба. Тоа е исто како доктор на тешко болен пациент да му рече „знаеме од што боледувате, остана уште да го откриеме лекот“. Од друга страна вели дека е постигната и релативна согласност за идентитетските прашања, што исто така е неразбирливо, бидејќи идентитетот не познава релативни категории. Или го имате тоа право или не. Па згора на сѐ, на крајот премиерот вели дека бил за референдум, нешто за што е и ВМРО-ДПМНЕ. И тука можам само да кажам дека добро е што го следи ВМРО-ДПМНЕ, но суштината зошто бараме референдум не за Заев да го следи тој став, туку затоа што граѓаните на оваа земја имаат автохтоно право да одлучуваат за вакво крупно прашање, вели тој.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека има и други предизвици надвор од прашањето за името.

-Дајте да ги видиме реалните приоритети во надворешната политика на владата. Кога се палат македонски знамиња во Атина, кога има извици на шовинизам и национализам од грчка страна, македонското МНР молчи. Но, затоа реагираат и праќаат соопштенија за поддршка на Саудиска Арабија, која била нападната од Хутите. Премиерот ја повика Северна Кореја да се откаже од нуклеарната програма, ама еве гледаме Ким Јонг-ун никако да се откаже. Да не беше трагично, ќе беше смешно. Тоа е исто како на мало дете од пред училишна возраст да му дадете да управува со хеликоптер. Гледаме како во регионот се случуваат безбедносни потреси, како во Косово има тензии, на само 50 километри од Скопје, во Албанија има демонстрации, но премиерот не свика ниту еден состанок на тема безбедност, ниту пак дознавме дека се зголеми готовноста. Оваа влада не е ниту економска, ниту реформска, туку ова е влада за едно прашање. Но и тука доживуваат дебакл. Од медиумите дознаваме дека имало грчка нацрт-спогодба, па исто така од медиумите дознаваме дека имало и нацрт-спогодба од Македонија, па ако кажеме дека не сме информирани, постфестум ќе се јави премиерот или министерот за надворешни да каже дека ќе не информира, ама сето тоа откако ќе се случат работите за да не му замерат дека јавноста се држи под мраз. Исто така од медиумите дознаваме дека ќе има нова средба Димитров – Коѕијас, па ако нешто тргне како што не треба, еве ве уверувам, ВМРО –ДПМНЕ ќе биде виновно. И ова ви го кажувам не затоа што имам способност да предвидувам туку затоа што праксата покажува дека власта така функционира. Хипотетички тие може да си се договорат и да си се радуваат заедно со Грците, па откако ќе се израдуваат, да и кажат на нацијата дека постигнале решение. Решението мора да се темели државните интереси. Да го заштити нашиот идентитет. Видете, ќе ви кажам отворено, она што го прави сега оваа генерација на политичари кои се на власт, ќе ги следи целиот нивен живот. Евентуалното решение ќе ги следи сите идни генерации Македонци. ВМРО е свесна за овој историски момент. Се надевам дека и владата е свесна, заклучи Мицкоски.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/04/2018 17:54