Инфраструктурните проекти нема да се одолговлекуават и за нив ќе нема дополнителни трошоци доколку при одлучувањето навреме се вклучи јавноста, порачаа учесниците на денешната регионална конференицја „Јавна инфраструктура во Југоисточна Европа - во чиј интерес“, на која беа претставени примери на инфаструктурни проекти во државите од регионот без транспарентни постапки.

Соња Ристеска, еден од авторите на студијата за инфраструктура во ЈИЕ презентирана на конференцијата, укажа дека во Македонија досега има само заложба и најчесто проектите се презентираат без јавни дебати или на крајот кога веќе се направени без можност јавноста да има влијание. Тоа, како што појаснува, предизвикува разни проблеми, како со проектите за хидоцентралите „Бошков мост“ и „Луково поле“.

Во однос на автопатот Демир Капија - Смоквица не е спорна корисноста, но, како што вели, различните извештаи за начинот на кој е избрана компанијата изведувач на работите и процесот против неа во грчките судови, укажува на тоа дека постапката на водење на проектот не е во корист на Македонија.

- Доколку процесот бил потранспарентен при изборот на компанија што има некоја добра заднина во раководењето проекти, можеби ќе се завршел и порано и ќе чинел помалку, рече Ристеска.

Како што потенцира, поради скандалите со корупцијата во минатото и во транспортниот и во енергетскиот сектор навистина мора да се работи против нејзино искоренување, со тоа што кога ќе се отвораат тендерите да имаат шанса компаниите што во минатото добро работеле и немаат корупциски дамки.

Звездан Калмар, претставник на српската невладина организација ЦЕКОР посочи дека во Србија имаат лоши примери при инфраструктурни проекти на Коридорот 10 со лошо дизајнирани проекти поради што дошло до одрони и раселување на луѓе и оти се загрозувале заштитени подрачја.

- Владите заедно со корпоративниот сектор најчесто се поставуваат во улога на апсолутен владетел на идните планови и во тој контект во изработката на плановите и во Србија и во другите држави не се зема предвид макроекономската стабилност, се дава приоритет на приватните интереси, особено на големи корпорации кои учествуават, а исто така имаат многу негативно влијание на животната средина, изјави Калмар.

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, пак, порача дека Владата е посветена на вложување во капитални инфраструктурни проекти, со максимална транспарентност, што не било случај во минатото за кога на конференцијата наведе примери.

- Никој од нас не знаевме како се склучувале дел од договорите со изведувачите. Има случаи каде цените на градежните материјали се договарале во четири очи без соодветна постапка. Има проекти кои заради непочитување на процедурите за јавни набавки ја чинат државата и по десетици милиони евра повеќе. Се соочивме со проекти во кои ако не реагиравме навреме државата требаше да плаќа пенали, рече Сугарески.

Како што најави, од капиталните инфраструктурни проекти во Македонија следната недела ќе биде пуштен во употреба автопатот Демир Капија - Смоквица, во октомври годинава и автопатот Миладиновци - Штип. Ќе продолжи, како што рече, и изградбата на автопатот од Кичево до Охрид, ќе стартува градбата на три нови експресни патишта, во тек е проектирање на два автопата и други експерсни патишта



Автор: Администратор
Објавено на: 17/04/2018 10:24