Македонија се уште нема туристичка инспекција. Плаќањето такса затајува, а на локалните инспектори им се врзани рацете. Можат да интервенираат, но не и да казнуваат.
Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Љупчо Јаневски во интервју за МИА вели дека дел од законската регулатива во овој сегмент е добар, но дел не функционира во пракса.
Како што укажува, во Крушево има 1.000 - 1.200 легла, а во Охрид 4.000 за кои никогаш не е платена туристичка такса.
- Лани во Крушево имало околу 40.000 ноќевања од кои би требало да се генерираат 1,6 милиони денари туристичка такса, а државата инкасирала само 180.000 денари. Зошто? Затоа што никој не платил туристичка такса. Општината не успеала да ги собере средствата. Ние неколку години бараме да се формира туристичка инспекција. Ако немаме туристичка инспекција, како мислиме да го спроведуваме Законот, на добороволна база? Нашето барање и на Министерството за економија е туристичката инспекција да преземе се, но да дејствува во соработка со општините. И, секако, да нема казнување, туку едукација, истакнува Јаневски.
Според него, прва и основна работа е дисциплината на луѓето кои издаваат.
Засега, ингеренции во овој домен имаат локалната власт и пазарната инспекција. Вкупно 80 отсто од парите од трустичката такса се за општината, а 20 проценти за државата.