Училиштата и школските дворови се претворија во арени за крвави тепачки. Не се знае дали некое дете ќе биде нападнато од соученици, дали ќе биде фрлено по скали или криминалци ќе влетаат и ќе претепаат професори. Студентските домови се претворија во живеалишта со субстандардни услови, каде најголем успех е да се задржи здравјето.

Во образованието изминатите 10 месеци нема проекти, нема капитални инвестиции, нема нови училишта, но затоа Министерката Дескоска успеа да стане министер за хаос и уназадување.

Јавноста слуша само за укинувања и уназадувања во образованието, антиреформи, насилства и хаос во образованието.

Секојдневно се редат скандали во училиштата и студентските домови, а министерката Дескоска во стилот на Заев, бега од одговорност за своите неуспеси.

Најстрашно од се е што насилството стана секојдневие. Во училиштата веќе никој не може да им гарантира сигурност на учениците, па и на професорите.

Пред некој ден се случи немил и скандалозен настан во основното училиште „Гоце Делчев“, Неготино каде едно девојче беше претепано во школски двор! Министерката Дескоска мува не ја лази за тоа што брутално било претепано малолетното девојче во кругот на основно училиште во Неготино. Но, за жал ова не е единствен ваков немил настан. Такви има дузина.

Во Битола исто така бил претепан ученик и тоа од страна на персоналот во училиштето.

Во Гимназијата во Гостивар беа претепани двајца професори со метални боксирачи и завршија со тешки повреди нанесени од насилници блиски до владејачката партија.

Во Чегране и Врапчиште исто така имаше немили сцени кога во групни тепачки беа повредени неколку ученици.

Пред неполни два месеци малолетно лице беше избодено со нож во пределот на ногата од страна на непознат сторител пред училиште во Шуто Оризари.

Надлежните институции, а посебно министерката Дескоска молчат. За жал гледаме дека министерката нема капацитет, ниту стратегија за превенција, исто како што нема доблест и да поднесе морална одговорност.

Ова се резултатите на Дескоска во образованието. Друго нема.

Јавноста не виде никаков напредок во образованието откако Дескоска е министерка.

Студентските домови не се реновираа подолго време, лифтовите во студентскиот дом „Гоце Делчев“ со месеци не се сервисираат, студентите немаа топла вода во студентскиот дом „Стив Наумов“, а во истиот дом студентите се жалат од обиди за провали и насилници кои им ја загрозуваат нивната безбедност.

Дескоска може единствено да се пофали со ужас во студентските домови, тепачки по училиштата, запуштени и небезбедни студентски домови.

Образованието е паднато на најниски гранки, како никогаш досега. Стотици лица, искусен и стручен наставнички кадар беше избркан од работа, само за да може да се спроведе брутална партизација во еден од сегментите кој е најважен за образување и воспитување на нашите деца. Сето ова Дескоска го дозволи и пред сето ова замолчи.

Може Дескоска да молчи, може Дескоска да се прави и глува и слепа пред овие проблеми, но јавноста гледа и веќе јавноста знае дека таа за овие десет месеци стана најнеспособната министерка за образование која Македонија некогаш ја имала



Автор: Администратор
Објавено на: 17/04/2018 13:17