Францускиот претседател Емануел Макрон денеска ги повика Европејците да го бранат својот модел на либерална демократија, во време кога се соочуваат со раст на автократски режими ширум светот и „нелиберални демократии“ внатре во Европската унија.

- Во соочувањето со авторитаризмот, одговор не е авторитарна демократија, туку авторитет на демократијата, рече Макрон обраќајќи им се на пратениците во Европскиот парламент во Стразбур.

Макрон во исто време повика на поенергична кампања на изборите за Европскиот парламент, што ќе се одржат во мај 2019 година, во време кога Европската унија се соочува со предизвици поради излезот на Велика Британија од блокот и пораст на национализмот.

Тој оцени дека е важно да се има „демократска и критичка дебата“ за тоа што е Европа.

Макрон додаде дека граѓаните „сакаат нов проект“ за ЕУ, кој се занимава со нивните грижи и стравови во свет во кој, како што рече, сојузниците како САД вртат грб на договорите за мултилатерална трговија и климатски промени.

Францускиот претседател исто така ги повика Европејците итно да се договорат за планот за реформа на валутата на еврозоната и економската унија. Макрон додаде дека Франција е подготвена да го зголеми својот придонес во буџетот на ЕУ, под услов тој да стане поефикасен.

Макрон предложи и формирање на Фонд на ЕУ за поддршка на локалните заедници кои прифаќаат бегалци, како обид за надминување на бегалскиот проблем, кој важи за едно од политички најжешките прашања со кои се соочува Унијата.

- Предлагам создавање на Европска програма преку која директно финансиски ќе бидат поддржани локалните заедници кои прифаќаат и интегираат бегалци, изјави Макрон.

Претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер, по говорот на Макрон изјави дека „вистинската Франција се вратила“.

Јункер исто така ја пофали посветеноста на Макрон за Европската унија.

- Сакам да ги изразам своите емоции и пријателство, кога слушам дека францускиот претседател се изразува на таков начин. Вистинската Франција се врати, рече Јункер пред пратениците во Европскиот парламент во Стразбур, по говорот на Макрон.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/04/2018 19:12