Шефот на Ферари, Серџо Маркионе, ја повтори заканата дека тимот ќе го напушти шампионатот, ако Формула 1 од спорт, се претвори во спектакл.

Сопствениците од „Либерти Медиа“ се трудат да го зголемат спектаклот, создавајќи услови за повеќе претекнувања и акција на патеката. Маркионе, сепак, инсистира на тоа дека Ф1 не треба да стане НАСКАР преку создавање на спектакли на вештачки начин.

- Ако Ф1 стане повеќе спектакл, отколку спорт, тогаш Ферари ќе замине. Ако има предлози, кои ја изобличуваат Ф1, мислам дека Ферари ќе се повлечат, рече Маркионе на состанокот со акционерите во Амстердам.

Италијанецот објасни дека од „Скудерија“ работеле со „Либерти“ за да се најде компромис по состанокот во Бахреин, каде што сопствениците на спортот ги претставиле своите планови за иднината.

- Работиме со „Либерти“, за да се дојде до прифатливи решенија. Добивме предлог од нив пред десетина дена, сега очекуваме да ги дознаеме деталите, а потоа ќе направиме најдобар избор во интерес на Ферари, објасни Маркионе.

Шефот на легендарниот тим изјави дека Ферари може да побара алтернативни решенија.

- Тоа не е закана, но исто така не значи дека ќе престанеме да разгледуваме други опции, заврши Италијанецот, откако најверојатно алудираше на Формула Е - идеја која Ферари ја отфрлаше во минатото.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/04/2018 19:23