Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев и министерот за финансии Драган Тевдовски имаа средба со регионалната директорка за Западен Балкан на Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), Жужана Харгитаи.
На средбата, како што соопшти владината прес-служба, премиерот Заев ги истакна позитивните вести кои денеска Македонија ги доби од Брисел, нагласувајќи дека тоа е од големо значење за граѓаните на Република Македонија и нивната европска иднина.
Премиерот исто така изразил задоволство и благодарност за активното присуство и работата на ЕБРД во регионот, со што дава значаен придонес во поттикнувањето и одржувањето на развојот на Република Македонија на полето на инфраструктурата и енергетиката, гасификацијата и развојот на општините во Република Македонија, како и одржувањето на регионалната соработка меѓу земјите од Западен Балкан.
- Посебно беше поздравена петнаесетгодишната поддршка која Македонија ја добива од оваа Банка, и беше изразена спремност за заедничка работа и имплементација на идеи и проекти од областа на инфраструктурата, железницата, обновливите извори на енергија и енергетската ефикасност, кои би ја продлабочиле и би ја направиле по плодна постоечката соработка, се наведува во соопштението.