Бизнисот за обложувалниците станува невозможен. Асоцијацијата реагира на измените од Законот за игри на среќа, тврдат дека новите одредби ќе ги натераат да стават клуч на најмалку третина од објектите, а околу 1000 вработени ќе останат без работа, пренесува Телевизија Сител.

На текстот со измените во законот кој беше објавен во декември, Асоцијацијата испрати куп забелешки. Во верзијата од текстот објавена минатата недела, само незначителен дел од барањата на обложувалниците е вметната. Обложувалниците ќе треба да бидат оддалечени најмлаку 100 метри од училиштата, а не 300 како претходно. Прифатено е и лиценцата наместо три да важи шест години. Другите забелешки кои се финансиски силен товар за бизнисот, не се прифатени.

Па така, наместо 300.000 евра сега обложувалниците за лиценца за секои 50 уплатни места ќе треба да имаат половина милион евра банкарска гаранцијам што значи дека големите обложувалници кои имаат стотина уплатни места ќе треба да чуваат над милион евра како гарација. Им се зголемува и месечниот паушал кој го плаќаат кон државата. Освен 23% од бруто приходот кој го плаќаат сега и кој беше меѓу највоските во Европа, им се воведуваат дополнителни 1600 евра т.н минимален праг за секое уплатно место.

На прашање на Сител кои од забелешките на Асоцијацијата се прифатени, предлагачот на законот, МФ, не одговори. Велат дека ќе очекуваат сугестии до крајот на месецот на текстот кој беше објавен минатата недела.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/04/2018 01:21