Цените на недвижностите на лондонскиот пазар паднале во февруари за 1 процент, што е прво намалување на вредноста на станбениот квадрат во британскиот главен град во изминатите осум години.
Британскиот Национален завод за статистика денеска информираше дека пазарот на недвижности во Лондон имал забавен раст во изминатиот период, но ова е прв забележан пад од септември 2009 година. Во сите други британски региони, цените на недвижностите пораснале, за просечен раст на ниво на Англија од 4,1 проценти.
Лондонските станови и куќи долго време се сметаа за преценети, поради врвулицата на милионери и милијардери од целиот свет, вклучително од Русија и од арапските земји, кои своите пари ги инвестираа во Лондон. По Брегзит, и со заострувањето на односите меѓу Британија и Русија, падот беше очекуван.