Раководителот на рускиот комуникациски регулатор Роскомнадзор, Александар Жаров, денеска призна дека милиони ај-пи адреси биле блокирани при неуспешен обид за запирање на апликацијата за испраќање пораки Телеграм.

Телеграм се уште е достапен за корисниците во Русија и покрај напорите на властите да влијаат врз него, блокирајќи други услуги. Минатата недела руските власти наредија да биде стопиран пристапот до апликацијата.

Спорот изби, откако апликацијата за пораки, дело на рускиот инвеститор Павел Дуров, одби на разузнавачките служби да им ги предаде податоците за шифрирање. Руските власти инсистираат дека тие им се потребни за да спречат екстремистички напади, но Телеграм го отфрли барањето, оценувајќи дека тоа претставува прекршување на приватноста.

Жаров во интервју за весникот „Известија" изјави дека Русија блокирала 18 мрежи што ги користат Амазон и Гугл, кои, според властите, биле користени од Телеграмот за да ја заобиколи забраната.

Многу руски компании објавија дека нивните интернет услуги се суспендирани поради напорите на Рокомнадзор да ги блокира мрежите.

Според интернет експерти, од понеделникот руските власти блокирале околу 16 милиони ај-пи адреси на милиони руски корисници и фирми.

Жаров призна дека властите безуспешно се обидуваат да го блокираат Телеграм и оти треба да затворат цели мрежи, некои со по половина милион ај-пи адреси, кои ги користат компании што ги почитуваат законите.

Дневниот весник „Ведомости" го спореди спорот меѓу Роскомнадзор и Телеграм со војна.

Жаров најави дека Фејсбук може да биде следната цел на властите, ако одбие да се придржува кон руското законодавство.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/04/2018 16:32