Повикот со кој домашните компании ќе може да конкурираат за финансиска поддршка со мерките од третиот столб на владиниот План за економски раст ќе биде објавен в среда следната недела, најави денеска вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.
Како што потенцираше, во тек на огласот, по кој ќе следат и други за таа намена, компаните ќе може да аплицираат за добивање финансии.
- Првпат оваа година утврдивме значителни средства за мали и средни претпријатија и веќе в среда ќе биде презентиран првиот повик за мали и средни претпријатија на кој државата ќе определи значителни средства за да им помогне на претприемачите, рече Анѓушев, кој денеска беше член на жирито на натпреварот на старт-ап идеи што се одржува на Саемот на ИТ фирми, во рамки на Дигиталниот самит за Западен Балкан во Скопје.
Во вторникот на владина седница беа разгледани правилниците со критериумите на распределбата на планираните финансии за поддршка на фирмите, во износ од 10,5 милиони евра, со што се создаоа услови за објавување на повикот.
Како што најави претходно директорот на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) Јован Деспотовски, повикот ќе трае 45 дена, а евалуацијата на проектите на фирмите треба да биде завршена до 60 дена. Со третиот столб од владиниот План, најголема финансиска поддршка е предвидена со мерката број три за поддршка на развој на иновативни продукти и услуги.
Спорд најавите, примената на мерките од владиниот План ќе ја следи работна група со претставници од Кабинетот на Анѓушев, ФИТР, Министерството за економија и трите стопански комори.