Десет старт-ап компании од шест држави од регионот ги претставија своите бизнис идеи на „Напреварот за убедување“ што се одржува денеска на Саемот на ИТ фирми во рамки на Дигиталниот самит за Западен Балкан во Скопје.
- Настанот е за поддршка на регионалните старт-ап еко системи, изјави Весна Ивановска, член на жири комисијата и генерален менаџер на Едукативниот центар на „Сивус“, организатор на активноста која е заедничка иницијатива на Германската развојна соработка и македонското Министерство за информатичко општество и администрација.
Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, исто така член на жири комисијата, изјави дека во владината Програма и во Планот за економски раст е посветен посебен дел за малите и средните претпријатија, а особено за поддршка на стартап компаниите.
- Македонската економија во иднина треба да се базира на иновативни проекти од младите едуцирани луѓе. Ги охрабрувам сите кои имаат такви идеи да настапат храбро, бидејки како никогаш досега Владата ќе биде поддржувачки настроена кон нивните идеи. Тоа ќе го манифестираме преку финнсирање со т.н. трет столб на мрки за економскиот раст на Македонија, изјави Анѓушев.
Експо делот на Самитот продолжува со Инфо сесија на која ќе биде презентиран нов јавен повик за изработка на софтверска програма „ПристАПП Транспорт“ преку која во иднина ќе се врши распределбата на лиценците и дозволите во домашниот и меѓународниот патен транспорт. Повикот го реализира Фондот за иновации и технолошки развој во соработка со Министерството за транспорт и врски.