Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, во неговото гостување во емисијата „Топ Тема на Ваша Страна“ во која што дебатираа со Вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи истакна дека во планот 3-6-9 делот предвиден за реформи во УБК и Агенцијата за разузнавање, опозицијата повеќе од 8 месеци не била вклучена во процесот на реформи и дека покрај нивното вклучување пред само една недела, власта продолжува преку позиција на сила да одлучува самата.
„Во поглавје 3 Собрание, точка 3.1 вели редовна и суштинска надзорна работа на Комисијата за надзор на управата за безбедност и контраразузнавање и агенцијата за разузнавање пишува дека рокот е континуирано, а статус на реализацијата е во тек. Ова значи дека Собранието врши надзор над управата за безбедност и контраразузнавање и агенцијата за разузнавање. Која е вистината? Разговарав со претседателот на Комисијата и вистината е дека таква евиденција односно надзор не е направен, причина е поради тоа што Комисијата беше направена надвор од Деловникот со мнозинство од власта иако треба да е со мнозинство од опозицијата и таа грешка е поправена пред само една недела“, рече Николоски.
„Во периодот кога мојата политичка партија не беше во Собранието од веќе познатите политички причини, ниту пак сега се создадени услови Комисијата да работи. Требаше да има експерт ангажиран и платен преку ДИКАФ (н.з. Центар за контрола над вооружените сили). Добро е јавноста да знае дека се избра таква личност поддржана од власта и од опозицијата, за да на крај Господинот Талат Џафери од позиција на сила одлучил дека нема да биде тоа лице Претседател на комисијата туку сосема друго кое целосно надвор од овој процес. Нормално е дека после овој преседан ќе има реакција од ДИКАФ. “ додаде Николоски.