Државите од Западен Балкан се заложија за намалување на цените во роаминг во регионот и со Европската унија и ги утврдија целите за дигитална трансформација со која ќе се постигне поголема соработка и економски развој, со што воедно ќе се олесни нивната интеграција во Унијата.

По завршувањето на дводневниот Дигитален самит за Западен Балкан во Скопје, учесниците порачаа дека технолошката трансформација и нивна целосна дигитализација е еден од врвните приоритети на владите во регионот. - Тоа значително ќе влијае на зголемување на работните места, на платите во регионот, на подобрување на услугите, индустриите, образованието и на намалување на корупцијата, рече македонскиот министер за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, на завршната прес-конференција..

Од Скопје, укажа, испраќаме порака за следните два самита, во Софија и Лондон, дека нашето место е во Европската унија. - Не чека многу работа, но доколку постои политичка волја, а конечно постои, тоа ќе се постигне. Дигиталниот самит во Скопје е само една од потврдите за тоа, наведе Манчевски.

Во тек на Самитот се слушнати многу нови идеи, разменети се искуства и договорени се многу заеднички проекти.

- Дадовме ветување дека ќе работиме заедно за намалување на цените на роамингот во регионот и со земјите од Европската унија. Ја изразивме нашата заложба за воспоставување регионален дијалог со повеќе засегнати страни, со операторите, ИТ компаниите и организациите за заштита на потрошувачите, поддржани од страна на Регионалниот совет за соработка и Европската Комисија, се со цел да се постигне усогласеност со моделот ЕУ роаминг како дома, рече Манчевски.

Како што посочи министерот за надворешни работи Никола Димитров, агендата на Самитот е поврзана со една од шесте иницијативи кои се дел од Стратегијата промовирана од претседателот на ЕК Јункер.

– Следниот чекор, Самитот во Софија, ќе го спои овој напор на регионот заедно со земјите членки на ЕУ и се надевам дека ќе има и конкретни резултати, што ќе ги почувствуваат граѓаните, меѓу другото и за роаминг услугите, потенцира Димитров.

На Првиот дигитален самит за Западен Балкан државите од регионот се обврзаа и дека ќе го подобрат пристапот до широкопојасен интернет , изразија подготвеност и иницијатива да работат на активно меѓусебно признавање на дигиталните сертификати, потписи и печати, како и на олеснување на прекуграничните доверливи услуги . Се обврзаа и на следење на примената на реализацијата на иницијативата за ви-фи на ЕУ за која ЕК донесе одлука за проширување во Западен Балкан.

Заедно ќе работат и на сајбер безбедноста и на имплементацијата на Европската директива за мрежна информациска безбедност. Договорено е и креирање на политики за ИКТ образование и сертифицирање на сите групи население, како посветеност за подобрување на дигиталните вештини на луѓето кои не се вклучени во образованиот процес. Ќе ја зголемат и регионалната соработката на полето на старт-апи, а со размена на искуства ќе создаваат и заеднички технолошки паркови кои ќе одговараат на критериумите поставени од ЕУ.

По заокружувањето на официјалната агенда на Самитот, попладне ќе се одржи дебата за медиумите во дигитаната ера и борбата со лажните вести, што ќе ја модерира министерот Димитров.

На отворањето на Самитот вчера се обрати еврокомесарката за дигитална економија и општество Марија Габриел, која, исто така најави поконкретни чекори во однос на намалувањето на цените во роамингот на самитот во Софија, најавен за 17 следниот месец. Македонскиот премиер Зоран Заев, пак, информираше дека државите се подготвени да субвенционираат делот од евентуалните загуби на мобилните оператори со намалувањето на цените на роамингот.

Следниот дигитален самит, според најавите ќе се одржи во Србија



Автор: Администратор
Објавено на: 19/04/2018 13:23