Наспроти разликите меѓу Берлин и Париз по некои од предложените реформи на ЕУ, до средината на годината Германија и Франција ќе постигнат компромис за овие прашања, изјави денеска германската канцеларка Ангела Меркел.

- Потребна ни е јавна дебата и во крајна линија способност да најдеме компромиси, изјави Меркел на заедничка прес-конференција со францускиот претседател Емануел Макрон, одржана по нивната денешна средба во Берлин.

Како сфери за кои се уште постојат разлики меѓу Берлин и Париз, Меркел ги посочи мигрантската политика. заедничката надворешна политика и натамошниот економски развој на Еврозоната и монетарната унија.

- Европа може да ги реши проблемите само ако биде единствена. На земјите од ЕУ им е неопходен заеднички пристап во надворешнаѕа политика, додаде Меркел.

Таа нагласи дека Германија и Франција во следниот период ќе разговараат за тоа што заедно можат да направат за да придонесат за ставање крај на војната во Сирија и за надминување на конфликтот во Украина.

Меркел истакна дека до крајот на јуни земјите членки на ЕУ ќе мора да постигна напредок и во врска со прашањето поврзано со мигрантите.

Таа нагласи дека Германија и придава важност и на трансатлантската соработка и покрај серијата несогласувања меѓу ЕУ и САД.

- Сојузот со САД претставува големо богатство кое би сакала да го негуваме и развиваме, додаде Меркел, која на 27 април во Вашингтон треба да се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп.

Макрон на прес-конференцијата оцени дека во моментов Европа се наоѓа на крстопат.

- Заедничкиот суверенитет на Европа е поставен на испит од сегашниот светски поредок, нагласи Макрон, посочувајќи ги како предизвици трговските несогласувања, технолошниот напредок, климатските промени и зајакнувањето на национализмот.

Според него, денес живееме во време кога европскиот проект е уникатна идеја.

- Доколку сакаат просперитет на блокот, европските земји мора да изнајдат механизми за солидарност, зајакнување на монетарната унија и создавање на инструменти за зајакнување на конкурентноста, истакна Макрон.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/04/2018 14:02