Новоизбраниот претседател на Куба, Марио Дијаз-Канел денеска во своето прво обраќање истакна дека ќе ја продолжи социјалистичката револуција, започната од неговите претходници Фидел и Раул Кастро и оти нема да ја смени надворешната политика.

Дијаз-Канел (57) во говорот пред Народното собрание, што беше пренесуван на телевизија, наведе дека неговите први мисли по преземањето на должноста припаѓаат на „историската генерација“, која ја водеше земјата од Кубанската револуција во 1959 година. Тој истакна дека кубанските власти не можат „ниту на секунда“ да ја заборават нивната посветеност на кубанскиот народ.

Дијаз-Канел, кој во исто време е и претседател на Државниот совет потенцира дека нема да се менува надворешната политика на Куба.

- Кубанската надворешна политика ќе остане непроменета. Куба нема да го загрози својот суверенитет и независност, ниту ќе дискутира за своите принципи, ниту ќе прави отстапки и покрај надворешниот притисок и закани, наведе Дијаз-Канел.

Тој додаде дека „ќе се смени тоа што мора да се промени“, а во исто време ќе ги брани и штити придобивките од Кубанската револуција.

- Куба е подготвена за дијалог на рамноправни односи, посочи новиот кубански претседател.

Дијаз-Канел досега беше прв потпретседател на Куба, на претседателската функција го наследи 86-годишниот Раул Кастро, кој нема целосно да се повлече од политиката, бидејќи ќе остане лидер на владејачката Комунистичка партија до 2021 година, па се очекува тој и натаму да има влијание при носењето одлуки во државата.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/04/2018 23:24