На 15 страници се објавени директните и телефонските разговори помеѓу поранешниот директор на ФБИ, Џејмс Коми и американскиот претседател Доналд Трамп, во кои има детали и за скандалот со проститутки во претседателскиот апартман во хотел „Риц Карлтон“ во Москва во 2013 година.

- Му кажав дека Русите наводно имаат снимки на кои е тој со проститутки во претседателскиот апартман во „Риц Карлтон“ во Москва во 2013 година, Тој ме прекина, рече дека ниту имало ниту ќе има проститутки. Тогаш со насмевка изјави дека тој е човек кој не мора да оди таму. Тоа го сфатив како изјава дека не мора да плаќа за сексуални услуги. Рече и дека секогаш претпоставувал оти се озвучени хотелските соби во кои претстојувал, наведува Коми.

Во друга прилика, според Коми, Трамп зборувал за за жените кои лажно го обвинувале за сексуално насилство. Тогаш Трамп спомнал и една стриптизета.

Во белешките на Коми е опишан и разговорот што се водел во Зелената соба во Белата куќа, кој бил прилично „хаотичен“.

- Темите константно се менуваа. Речиси да немаше ниту еден момент тишина за еден час и 20 минути. Се чувствував добро, но никогаш опуштено бидејќи морав сериозно да се фокусирам на разговорот. Зборуваше за инаугурацијата, медиумите, луксузот во Белата куќа, неговите активности, висината на неговиот најмлад син, како и дека никогаш не нападнал ниту една жена... Зборуваше и за иднината на мојата работа. Ми кажа дека 20 луѓе го сакале моето место, но оти луѓето во ФБИ ме сакаат и оти би био лошо да ме смени. Ми кажа и дека за мене би било лошо доколку направам нешто погрешно. Му реков дека може да ме разреши кога сака, но му објаснив дека може да смета оти секогаш ќе му ја кажам вистината. Ме праша дали истекуваат информации од ФБИ, реков да, но не како од другите институции. Повторуваше дека му е потребна и оти очекува лојалност. Не му одговорив, ниту го сменив изразот на лицето, пишува Коми.

Тој додава дека потоа Трамп почнал да разговара за можната афера со проститутките.

- Повторуваше дека тоа е фабрикувано и оти тоа се лажни вести. Рече дека би се загрижил само ако неговата сопруга помисли дека барем еден процент од тоа е точно. Изјави и дека разговарал со луѓе, кои го потсетиле дека тој не преноќил во Москва. Ми кажа да размислам за истрага за тоа, но му кажав дека многу тешко е да се демантира лага. Но, ми кажа да размислам за тоа. Повторно ја спомна лојалноста, истакнувајќи дека сака чесна лојалност, наведува Коми.

Поранешниот директор на ФБИ наведува дека Трамп разговарал и со рускиот претседател Владимир Путин, кој му кажал дека „тие имаат едни од најубавите проститутки во светот“.

Коми опишува и еден телефонски разговор со Трамп.

- Разговорот го почна со шега дека добивам повеќе публицитет од него. Рече дека се обидува да води држава, но дека има облак над работата со Русија. Почна да ми објаснува дека не е поврзан со Русите, ниту со нивните проститутки, посочува Коми во белешките.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/04/2018 11:02