Претседателот на Огранизацијата на работодавачи, Ангел Димитров рече дека не постои текстилна компанија во Македонија што може да го зголеми бројот на вработени, што е еден од двата услова за добивање поддршка за инвестиции согласно законските измени кои се во собраниска процедура.
Текстилните компании денеска предупредија дека имаат голем недостиг на работна сила, а можат да опстанат само ако вложуваат во опрема и технологија, поради што поддршката им е повеќе од неопходна.
– Единствен начин да опстанеме е да инвестираме во опрема, во современи, автоматски машини, да почнеме со комплетно производство и креирање на сопствени брендови. Нашите компании го зголемуваат извозот, вкупниот приход и девизниот прилив, но зголемувањето на бројот на работници и да сакаат не можат да го остварат поради недостигот на работна сила на пазарот на трудот. Во текстилната, кожарската или чевларската индустрија има 5.000 слободни работни места – рече Димитров.
Според претседателот на Кластерот за текстил, Мирјана Перковска проблемот е што индустријата е недоволно технолошки подготвена, а цените на материјалите постојано растат. Поради тоа компаниите не можат да ја зголемат платата.
Законските измени за поддршка на инвестиции за овие индустрии предвидуваат два критериума компаниите да остварат зголемување на приходот од дејноста колку просекот во последните три години и да имаат ист или зголемен број вработени во однос на просекот во последните три години. Најмалку половина од текстилните компании ќе можат да конкурираат за поддршка за инвестиции, а некои почнале да вложуваат и во опрема.
Текстилната, кожарската и чевларската индустрија вработуваат 65.000 лица или 20 отсто од вкупниот број вработени во државата.
Вчера, на седницата на Комисијата за економски прашања на Собранието беше второто читање на предлог-законот за финансиска поддршка на инвестициите.