Сојузот на стопански комори на Македонија денеска со тркалезна маса посветена на иновациите и креативноста се приклучи кон кампањата на Обединетите нации со која за прв пат годинава се одбележува Светскиот ден и Светската недела на креативноста и иновативноста.

Учесниците имаа можност да се информираат за најновите трендови како да ги подобрат капацитетите за иновативност и креативност во компаниите за зголемување на нивната конкурентност на домашниот и странскиот пазар.

- Иновацијата, креативноста и претприемништво можат да обезбедат нов импулс за економски раст и создавање нови работни места. Тоа значи проширување на можностите, со поголемо вклучување на жените и младите, како и обезбедување решенија за некои од најосновните предизвици како што се искоренување на сиромаштијата и елиминација на гладта, изјави извршниот директор на Сојузот на стопански комори Александар Зарков.

Тркалезната маса беше организирана во соработка со Меѓународниот институт за применета психологија „Bureau Land“ од Холандија, а на неа главен говорник беше Јоке Ланд, психолог и интернационално сертифициран мастер тренер, системски специјалист од Меѓународниот институт за применета психологија.

На 27 април минатата година, Обединетите нации одлучија 21 април да биде Светски ден на креативноста и иновациите, како ден кој ќе ги охрабри луѓето ширум светот да ја користат креативноста во решавањето на проблемите за сите прашања поврзани со постигнувањето на целите за одржлив развој.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/04/2018 11:54