„Развојните димензии на дигиталните платформи” е мотото под кое годинава се одржува глобалната недела на е - трговија. Активностите во организација на Организацијата на Обединети нации за трговија и развој (UNCTAD) се одржуваат во Женева. Во фокусот е растечката улога на дигиталните платформи во насока на искористување на новите технологии за одржлив раст и развој на земјите.
Нина Ангеловска, претседател на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија и коосновач и директор на Grouper.mk, оваа година како панелист ја претстатвува Македонија на Првиот глобален состанок на асоцијациите за е-трговија.
- Ја претставив Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, состојбата со е-трговијата кај нас и нашата програма за развој на е-трговијата. Посочив дека едукацијата на населението е клучна за кревање на нивото на дигиталните вештини на граѓаните, но подеднакво е важна и едукацијата на компаниите за зголемување на понудата во е-трговија. Е-трговците играат клучна улога во едуцирањето на населението и давањето на добра понуда и поттик за онлајн купување, изјави за Ангеловска за МИА.
На овој панел учествуваа претседателите на асоцијациите за е-трговија на Ирска, Чешка, Бразил, Македонија и Романија, а за првпат беа претставени и асоцијациите од Србија и Хрватска.
Ангеловска ја поздрави иницијативата на UNCTAD, која првпат во својата агенда ги вклучи асоцијациите за е-трговија.
- Ми беше задоволство да ја претставувам Македонија и да слушнам и споделам искуства со земјите од другите асоцијации. Разменивме искуства, практики и препораки и сега останува сите да делуваме во нашите земји за унапредување на е-трговијата, која е клучен дел од дигиталната економија, потенцира таа.
Општ впечаток е, вели Ангеловска, дека во сите земји претставени на годинашниот форум има потенцијал за раст на е-трговијата. Заедничка за сите исто така е потребата за едукација на населението и компаниите како клучни за развој на е-трговијата.
- Разменивме искуства, практики и препораки и сега останува сите да делуваме во нашите земји за унапредување на е-трговијата, истакна претседателката на македонската Асоцијација за е-трговија.
Посочи на дел од изнесените странски искуства, според кои, на пример во Бразил во голем пораст се платежните солуции за е-трговија и се смета дека уште повеќе ќе се развиваат.
- Кај нас во Македонија се уште единствен канал за вршење наплати во е-трговија е преку банките односно нивните платежните процесори, додава таа.
Русија, пак, ја гледа Кина како партнер во едукацијата на населението за купување онлајн поради тоа што голем број нивни граѓани купуваат кинески производи. Четириесет милиони руски граѓани купуваат онлајн, додека 25 милиони купуваат од други земји. Е-трговијата во Русија има само три отсто удел во малопродажбата.
Најголем бариера за Европа, пак, е нестандардираната правна регулатива која прави проблеми е-трговците да се усогласат со сите различни регулативи од другите земји.
Неделата на е-трговија во Женева завшува денеска и опфати форуми, сесии и панели на кои присуствува голем број министри, извршни директори и други претставници од бизнис секторот, интернационални организации, банки, академици, како и претставници на граѓанското општество, кои дискутираа за можностите и предизвиците поврзани со брзорастечката дигитална економија.