Срамен и недостоен е начинот на кој што денеска Зоран Заев повторно си поигра со трагедиите на семејствата на петте момчиња егзекутирани кај Смилковското езеро.

За да го одбрани својот коалициски партнер од кого му зависи опстојувањето на власт, денеска тврдеше дека Невзат Бејта со еден од обвинетите во случајот „Монструм“ разговарал околу ургенции за земјоделски субвенции.

Од друга страна, Зорица Наќевска, мајка на убиениот Александар во судот цитираше еден од разговорите кои им ги дал Заев во кој се велело: „Вечерва сонував еден многу лош сон како му ги врзав рацете на момчето, па плачев, па сега си велам да не се израдувам да не не сум го довршил тој никаквец“.

Ова дефинитивно не е разговор кој наликува на ургенција за земјоделска субвенција.

Кого штити и кого покрива Зоран Заев? Зошто продолжува да ги лаже и манипулира ожалостените семејства? Зошто ја потценува нивната мака и се обидува да ги убеди дека разговорот на Невзат Бејта и Фејзи Азири бил обичен случај на економски криминал околу ургенции за субвенции, а не дека е поврзан со грозоморното убиство?

Заев ја ветуваше вистината за случајот „Монструм“, но после 11 месеци откако тој е премиер единствена новина е тоа што обвинетите се најдоа на слобода токму како што се бараше во Тиранската платформа. Виновници зад решетки за грозоморното убиство нема, а Заев не чувствува ниту потреба да ургира кај неговиот косовски колега Рамуш Харадинај за екстрадиција на Алил Демири и Африм Исмаиловиќ.

Станува се појасно дека правда за семејствата на егзекутираните момчиња ќе има само кога Заев ќе замине од власт и ќе ги ослободи институциите.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/04/2018 14:23