ВМРО-ДПМНЕ, партијата којашто со години ги малтеретираше и потценуваше земјоделците и го погазуваше нивниот труд, продолжува со лицемерието кон оваа категорија граѓани.

Ако ВМРО-ДПМНЕ толку се грижи за земјоделците, тогаш наместо празни обвинувања, треба да одговори зошто обештетувањата од елементарните непогоди во 2016 година ги процесуираа по погрешен закон, по Закон за заштита и спасување, којшто не е во надлежност на Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство, наместо по Закон за земјоделство и рурален развој и на тој начин го закочија целиот процес.

За разлика од таквиот лицемерен однос кон земјоделците од страна на ВМРО-ДПМНЕ, Владата предводена од СДСМ донесе Акциски план, со што се деблокира целиот процес, а барањата, по Законот за земјоделство и рурален развој, ги презема МЗШВ. Според јавно достапните информации, за обештетувањата за 2017 година се вршат пресметки и се подготвуваат списоци со цел да бидат опфатени сите земјоделци кои претрпеле загуби од временските непогоди што се случиле во 2017 година, а исплатите ќе започнат многу скоро.

ВМРО-ДПМНЕ треба да сфати дека времето на притисоци, манипулации и понижувања на земјоделците заврши со нивното заминување во опозиција. Владата предводена од СДСМ и надлежните државни институции градат партнерство со земјоделците и активно работат на развој и унапредување на земјоделството.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/04/2018 21:15