Министрите за надворешни работи на групата седум индустриски најразвиени земји, соопштија оти се отворени за дијалог со Москва, но и дека се едногласни во „спротивставувањето на злонамерното однесување на Русија“, изјави висок американски претставник.

- Г-7 е едногласна во спротиставувањето на руското злонамерно однесување. Исто така, постои и отвореност меѓу членките на Г-7 за дијалог со Русија, иако ја гледаме како одговорна за злонамерни активности и нејзините напори да дестабилизира држави, изјави неименуваниот американски претставник по првиот ден од состанокот на дипломатите на таа група во Торонто.

Тој додаде дека државите од Г-7 „ги испитале чекорите кои се преземени во спротивставување на негативниот тренд, кој се појави во Крим, а кој се заканува на мирот и стабилноста“, и нагласи дека се очекува дипломатите наскоро да издадат соопштение за нивниот бескомпромисен став кон Москва.

Групата седум индустриски најразвиени земји ја сочинуваат: САД, Велика Британија, Канада, Германија, Франција, Италија и Јапонија. Следниот самит на Г-7 ќе се одржи на 8 и 9 јуни во канадската провинција Квебек.

На состанокот присуствува и украинскиот министер за надворешни работи Павло Климкин.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/04/2018 10:28