- Пациентите добиваат се полоши здравствени услуги, смртноста на новороденчињата е алармантна, а СДСМ за една година во здравството единствено што покажа е дека се грижи за вдомување на партиските кадри и сите средства од буџетот да завршат во фармацевтски компании блиски до врхушката на партијата на власт.
Молкот на Министерството за здравство во врска со информациите објавени во медиумите за најновата владина бизнис зделка дополнително ги подгрева сомневањата за однапред наместен тендер кој ќе удри и по џебот и по здравјето на граѓаните.
Имено, според објавената документација, СДСМ има намера да ја централизира набавката за реагенси за сите лаборатории на Јавните здравствени установи. Тоа сега е во фаза на технички дијалог, кој доколку заврши позитивно ќе биде основа за тендер.
Доколку се спроведе ваков тендер ќе се набавуваат 7 различни реагенси за болниците во вредност од десетици милиони евра и тоа од само една компанија, што оваа компанија ќе ја направи монопол која ќе ги истисне сите компании за многу кратко време од пазарот и ќе и овозможи во иднина таа да влијае на цената на услугите и реагенсите. Ова е првата опасност од овој потег, која во целост може да ја уништи конкуренцијата.
Дополнително доколку овој технички дијалог се преточи во тендер во тој случај новите реагенси речиси во целост ќе бараат набавка на нови апарати, што не само ќе значи пари, туку и време за нивно инсталирање и функционирање. Сето тоа ќе биде на грбот и џебот на пациентите, односно граѓаните. Ова со прости зборови значи дека ако ваков тендер се спроведе, тогаш апарати кои се користат по болниците ширум Македонија од кои голем дел од нив се нови и не се долго користени ќе бидат ставени надвор од употреба и заменети со нови од привилегираната компанија.
Дополнително хаос во здравството може да предизвика и планот кој е содржан во техничкиот дијалог, со кој се предвидува испитувањата да се прават во ограничен број лаборатории. Ова значи дека новите апарати ќе бидат инсталирани на помалку места од претходно и компанијата добитник на тендерот ќе биде задолжена низ Македонија да ги транспортира примероците со крв за да се направат биохемиски, имунолошки, хематолошки, коагулациски и гасни анализи.
Ова значи дека Болниците ќе треба до 10:30 да прибираат крв за анализи, а потоа да испорачуваат до централните лаборатории до 14:00 часот. Доколку се воспостави таква пракса итните случаи нема да можат веднаш да бидат испитани, а истовремено ќе се трошат енормни суми на пари за транспорт на примероци кои патем може да бидат загрозени и чија точност на резултати може да биде доведена во прашање. Дека со централизирањето може да дојде до целосен крах на здравствениот систем и услуги говори и фактот што за имунолошки анализи ќе бидат определени само 3 центри, наместо сегашните 85 болници и со тоа пациентите можеби ќе бидат доведени во ситуација да патуваат или за транспорт да се трошат дополнителни енормни суми на товар на буџетот за здравство.
Овде се поставува и прашањето што со медицинскиот кадар вработен во лабораториите ширум Македонија и дали ваквото централизирање на услугите освен загрозување на системот, ќе значи и затворање на голем број лаборатории низ државата и отпуштање на стотици вработени во болниците.
Сумарно доколку овој технички дијалог на Филипче се претвори во тендер, загуба ќе имаат пациентите, буџетот, здравствениот систем, вработените во лабораториите, односно сите, освен една фирма која во ваква привилегирана позиција ќе добива 30 милиони евра