Унапредувањето на политичките односи помеѓу Македонија и Бугарија, со потпишувањето на билатералниот Договор за пријателство и серијата на билатерални спогодби, внесе нова позитивна динамика во односите помеѓу двете земји, кои се рефлектираат и во економската соработка, заклучиле на денешната средба министеркaта без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска и амбасадорот на Република Бугарија во Република Македонија Иван Петков.
На средбата, како што информираат од кабинетот на министерската, двајцата истакнале дека тоа најдобро се согледува од растот на трговската размена за 19,11 отсто во 2017 година. Бил изразен и оптимизам дека економските перспективи за соработка во наредните неколку години може да резултираат и во повеќекратно зголемување на трговската размена и инвестициите.
- Министерката Апостолска го информираше амбасадорот Петков за владините политики во сферата на инвестициите и конкретните форми на финансиска поддршка кои би можеле да ги очекуваат компании од Бугарија доколку се одлучат за инвестирање во земјава. Од нејзина страна беше истакнато дека Планот за економски раст гради транспарентен и позитивен амбиент за зајакнување на економските врски и преку зачестени контакти на бизнис заедниците од двете земји, а кои би биле во насока на пронаоѓање на заеднички интереси во конрекретни инвестиции, стои во соопштението.
Од двете страни било констатирано дека регионалните евроинтегративни процеси на земјите од Западен Балкан ќе доведат до посилно инфраструктурно поврзување, што е еден од позитивни предуслови за градење на стимулативна инвестициска клима во целиот регион.
На средбата се разговарало и за можностите за реализирање на конкретни проекти и инвестиции во доменот на енергетиката, транспортот, туризмот и ИТ секторот, притоа осврнувајќи се и на успешните инвестиции кои компании од Бугарија ги имаат реализирано во Македонија, се наведува во соопштението.