Зоран Заев во емисија на ТВ 21 во мај или јуни 2017-та јавно вети дека ќе изгради 600 километри автопат во Македонија, во неговиот 4 годишен мандат. Внимавајте: 600 километри автопат во 4 години. И додаде: ќе ја заокружиме Македонија со автопати, напиша на Фејсбук поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.
-Од владата на ВМРО-ДПМНЕ наследија во длабока фаза на градба два автопата кои заедно се околу 100 километри автопат, едниот, Скопје – Штип завршен 70 осто, вториот Кичево – Охрид, завршен 50 осто. И двата со обезбеден кредит и финансирање и потпишани договори. Се надевам нема да си препишат некој километар од автопатот Демир Капија – Смоквица 29 км, кој целосно се заврши во мај 2017-та, а еве цела година СДСМ преместува еден далновод и ја завршува контролната соба. Значи соба. Не пат. Една година. Автопат е пат кој има најмалку 6 коловозни ленти и се разбира други карактеристики за автопат според меѓународните стандарди, во смисла колку е дозволено степени да се кривините, нагорнините и удолниците и други стандарди. Освен овие два автопати во градба, и оној кој го завршивме во мај 2017-та, а тие дури сега по една година го пуштија во употреба Демир Капија – Смоквица, јас знам дека СДСМ во овој нивни мандат нема да изгради, не 600 километри, туку нема да изгради ниту 1 (и со букви „еден”) километар автопат по меѓународни стандарди како што се споменатите во овој текст. Подготвен сум јавно да се кладам дека надвор од овие два автопати кои владата на ВМРО-ДПМНЕ им ги остави во завршна или многу длабока фаза и еден завршен каде требаше да поместат далновод, нема да изградат ниту еден километар автопат со 6 коловозни ленти надвор од тоа, напиша Груевски и додаде:
„Ова го тврдам затоа што многу добро знам колку напор е потребно за да се направи тоа, колку ПОСВЕТЕНОСТ и волја, експерти за градежниот, правниот и финансискиот аспект, капацитет на министри и директори и нивните тимови, дневно менаџирање на процесот и колку време на подготовка, под услов да имаш ефикасна влада. Оваа неспособна влада, само ќе ветува и ќе купува време. Ова го знаев и пред една година кога Заев го кажа ветувањето, а денес само констатирам дека за жал, тоа што го знаев, сега се случува и потврдува. Дури и сите пари ЕУ да ги даде како грант на Македонија, пак ќе биде истиот резултат, заради неспособноста и незаинтересираноста на власта да го спроведе процесот. Кога сме веќе кај градбата на нови автопати, да потсетам дека во времето на мандатот на ВМРО-ДПМНЕ се изгради и онаа делница од 9 км меѓу Куманово и Табановце, и 80 осто од работите на 26 км на обиколницата околу Скопје, бидејќи при тогашниот трансфер на власта беа завршени само 20 осто од работите. Овде не ги вбројувам, ниту многуте реконструкции на автопатски делници, ниту другите градби или реконструкции на патишта како регионални, магистрални, локални или експресни патишта (4 коловозни ленти)“.