Шефот на иранската дипломатија Мохамад Џавад Зариф изјави дека ниту Иран ниту Саудиска Арабија не можат да бидат доминантна сила на Блискиот Исток, истакнувајќи оти најпотребно за осумте земји од Персискиот Залив е да разговараат една со друга.

- Во обид да бидеме најсилни успеавме да го уништиме регионот, посочи Зариф синоќа во обраќањето пред Советот за меѓународни односи во Њујорк.

Тој додаде дека е време да се прекине со таквото однесување.

- Иран е подготвен, бидејќи сме доволно големи, стари и зрели да ја цениме таквата реалност, посочи Зариф.

Тој изрази надеж дека соседите на Иран, со помош од владите на другите држави, исто така можат да го прифатат фактот дека „никој од нас не може да стане нов хегемон“ во регионот.

Зариф повика на „нов регионален дијалог“ со кој би биле опфатени петте земји членки на Советот за соработка со заливските држави, како и Иран, Ирак и Јемен.

Иранскиот министер за надворешни работи ги повика и другите земји на соработка со Техеран во трансформацијата на Блиски Исток.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/04/2018 09:10