Зајакнување на соработката помеѓу Ревизорското тело за ревизија на ИПА од Македонија и Европскиот суд на ревизори, размена на искуства од областа на ревизорскиот пристап при ревизија на Европските фондови како и можност ревизори од Ревизорското тело да посетуваат обуки во Европскиот суд на ревизори во Луксембург, било разговарано на средбата меѓу Главниот ревизор за ИПА од Македонија Адем Цури и Финскиот член на бордот на Европскиот суд на Ревизори и член на групата 3 Хану Такула.

Високата делегација од Ревизорското тело за ревизија на Инструментот за претпристапна помош од Македонија предводена од Цури, која од вчера е во официјална посета на Европскиот суд на ревизори во Луксембург, остварила работен состанок и со директорот на Директоратот за контрола на квалитетот на ревизијата Џефри Симпсон, шефот на кабинетот на Финскиот член на бордот на Европскиот Суд на ревизори Туро Хентила, со раководителот на ревизијата на Директоратот Јуси Брајт и со раководителот на ревизијата во групата 3-Надворешни активности Денис Вернер, под чија надлежност за контрола и ревизија се Европските фондови кои Македонија ги користи преку ИПА.

На состанокот, како што информираат од Ревизорското тело на Македонија, домаќините го презентирале искуството на Европскиот суд за ревизори по ревизија на Европските фондови како и нивната соработка со другите ревизорски институции. Главниот ревизор Цури за време на посетата дал интервју и за официјалниот весник на Европскиот суд.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/04/2018 11:00