Македонското здравство е на колена. Бројот на починати бебиња на државната клиника е алармантен, а пациентите добиваат се' полоши здравствени услуги. Додека стравот на граѓаните од одење во болница секојдневно расне, СДСМ единствено се грижи да ги задоволи финансиските апетити на криминалниот клан околу Зоран Заев.
Со идејата за централизирана набавка на реагенси за сите лаборатории во јавните здравствени установи, СДСМ покажува дека не се грижи ниту за пациентите, ниту за здравствените работници.
Во техничкиот дијалог што го отвора министерот Филипче, недостасува уште да се посочи името на фирмата која што ќе го добие монополот и десетиците милиони евра кои ќе и' се слеваат од државниот буџет.
Доколку централизацијата се реализира, тоа ќе направи хаос во здравството, бидејќи со планот се предвидува испитувањата да се прават во ограничен број лаборатории.
Тоа значи дека за пациентите, на пример од Неготино, кога ќе им се извади крв, ќе треба да се испрати примерокот во Велес, за оние од Свети Николе во Штип, за да се направат анализите. Со ова дополнително дел од кадарот ќе треба веројатно да остане без работа.
Значи, ниту се мисли за пациентите, ниту се мисли за здравствените работници.
Ако новите апарати бидат поставени во помалку здравствени установи од претходно, низ Македонија ќе треба да се транспортираат примероците со крв за да се направат биохемиски, имунолошки, хематолошки, коагулациски и гасни анализи. Тоа е и дополнителен трошок.
Ова значи на пример, дека болниците ќе треба до 10:30 часот да земаат крв од пациентите, а потоа истите за анализи да ги испраќаат до централните лаборатории најдоцна до 14:00 часот. Ако се воспостави ваква пракса, итните случаи ќе мора да бидат испраќани во некој од центрите. Со ова дополнително ќе се доведе во прашање здравствената состојба на пациентите.
СДСМ со ова има намера да направи монопол на пазарот во оваа област и потоа една компанија би ја контролирала цената. Или ако се распише тендерот според планот, ќе се набавуваат 7 различни реагенси за здравствените установи во вредност од десетици милиони евра. Тоа веројатно ќе биде од една компанија, со што истата ќе добие позиција на монопол на пазарот. Со тоа ќе се истисне конкуренцијата и во иднина токму таа компанија ќе влијае на цената на услугите и реагенсите.
Ова е првиот проблем. Вториот е што, доколку техничкиот дијалог се преточи во тендер, новите реагенси ќе бараат и набавка на нови апарати. Бидејќи секој апарат не работи со секаков реагенс, тоа значи дека ќе се отстранат од употреба апаратите кои се користат, а голем дел од нив се нови.
Сето ова е за да се задоволат волјата и апетитите на поединци, а тоа ќе удри по џебот на граѓаните.
СДСМ со своите постапки само потврдува дека теснопартиските интереси им се пред интересите на граѓаните, а не мислат ниту на здравствените работници.
ВМРО-ДПМНЕ предупредува: СДСМ да се откаже од сомнителните тендери, креирањето монополи и полнењето на џебовите на криминалниот клан близок до Заев со пари на граѓаните.