Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков ги оцени денешните санкции на САД воведени против компанијата Јунајтед Русал како „одземање на имот“.

- Сметаме дека овие санкции се нзаконски. Веруваме дека во однос на одделна компанија, таквите акции се исто како одземање на имот, истакна Песков.

Тој ја даде изјавата коментирајќи ги извештаите дека САД би можеле да ги повлечат санкциите само под услов компанијата да не биде под контрола на Олег Дерипаска и дека ќе го продолжат рокот на американските фирми до кој треба да престанат да работат со руски производители на алуминиум.

Агенцијата „Блумберг“ претходно пренесе дека американското Министерство за финансии соопштило дека „отуѓувањето и откажувањето на Дерипаска од контролата над Русал е начинот САД да обезбедат ослободување од санкциите“ за таа компанија.

Вредноста на алуминиумот на светските берзи продолжи да паѓа и денеска, откако вчера американската администрација најави дека може да ги укине санкциите за рускиот гигант Русал, доколку компанијата ги раскине врските со милијардерот Олег Дерипаска.

Цената на алуминиумот на лондонската берза денеска падна за 8,7 проценти, во очекување дека Русал ќе продолжи да го снабдува глобалниот пазар. САД најавија дека ќе и дадат дополнително време на руската компанија да се подготви за санкциите, а може и целосно да се откажат од нив доколку Дерипаска го продаде Русал. Се проценува дека Русал натрупал големи резерви на алуминиум и ќе го искористи претстојниот период да ги понуди на пазарот.

Дерипаска се најде на листата руски бизнисмени за кои САД воведуваат санкции поради неговата вмешаност во политички и безбедносни активности низ светот. Американски граѓани и компании имаат рок до 23 октомври да ги прекинат сите свои деловни врски со Русал.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/04/2018 12:51