Македонско-британскиот старт-ап „Cognism“, кој користи вештачка интелегенција за унапредување на продажбата на клиенти, доби инвестиција од два милиони фунти во рунда предводена од фондот за ризичен капитал „South Central Ventures“, заедно со „Newable“, „London Co-Investment Fund“, „Start-up Funding Club“ и други.

Овој старт-ап, основан од претприемачите Џејмс Исилеи и Стјепан Буљат, им помага на компаниите да ја забрзаат својата продажба и да дојдат до вистинските контакти употребувајќи го софтверот „Big Data“.

Од основањето во 2016 година, „Cognism“ го збогати своето портфолио на 80 големи клиенти во Европа и Америка и го зголеми својот тим од пет на 30 луѓе во Македонија и Велика Британија. Со континуиран процес на истражување и развој, компанијата ја унапреди својата технологија, за да биде користена во комбинација со други актуелни алатки за помош во продажбата како Salesforce“ и „Microsoft Dynamics“ што ги прави една од водечките европски компании во индустријата наречена „Интелегенција за продажба“ (Sales Intelligence).

Фондот „South Central Ventures“ го подржува развојот на „Cognism“ уште од нивната почетна инвестициска рунда во јануари 2017 година. Како водечки инвеститор во оваа фаза, фондот инвестираше 1,5 милиони британски фунти, кои компанијата ќе ги намени за да го забрза својот раст, да отвори канцеларија во Соединетите Американски Држави, да ја зајакне развојната база во Република Македонија, како и да ја оствари поставената цел и да го дуплира бројот на вработени во продажните оддели во Македонија и Британија во 2018 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/04/2018 08:57