Премиерот Зоран Заев апелира младите да ја искористат владината поддршка и да се фокусираат на отворање сопствени бизниси наместо да чекаат и бараат вработувања во администрацијата каде платите со средно школо се 15.000 денари.
По потпишувањето на Договорот за Годишната програма за вработување, Заев потсети дека Оперативниот план за 2018 година е проектиран на 17 милиони евра и со него се таргетирани 16.259 невработени лица.
- Во прашање се 17 милиони евра пари на граѓаните наменети за многу сериозен фокус - трајно вработување на младите. Апелирам младите луѓе да ги искористат програмите, да се зафатат со претприемништво, да отворат сами бизниси. Да не бараат работа само во јавната администрација каде со средно школо платата е 15.000 денари, додека овде зборуваме за најмалку 18.000 денари, плата која е повеќе од 300 евра и стимулативна, рече Заев.
Освен кон младите, владините мерки за поддршка се насочени, додаде, и кон жените, како и кон лицата со посебни потреби.
Годишната програма за вработување што ја потпишаа министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, директорката на Агенцијата за вработување Билјана Јовановска и Постојаната амбасадорка на ОН во Македонија Лујза Винтон, е проектирана на 8,3 милиони долари, а предвидува отворање 980 мали бизниси од кои 50 на лица со попреченост, како и ангажирање лица во 45 до 50 општини кои ќе им помагаат на деца од предучилишна возраст, лица со попреченост и постари лица.
- Голем број млади се иселуваат од државата, а многу ги напуштаат селата и рурланите средини. Од друга страна, растечките приватни бизниси немаат доволно кадар. Целта е да се надмине овој парадокс, истакна Винтон.
Министерката Царовска рече дека она што е различно од претходните оперативни планови и што дава подобар ефект, е тоа што мерките се прилагодени на потребите на работодавачите, на потребите и квалификациите на младите и ранливите групи и има можност за поврзување на мерките, што досега не беше случај.
Директорката на Агенцијата за вработување, пак, Билјана Јовановска информираше за степенот на реализација на мерките од Оперативниот план, нагласувајќи дека интересот за мерките е голем. Најголем интерес има за субвенционирањето плати, каде веќе се поднесени апликации од 900 работодавачи за вработување 1.158 лица, а од страна на невработените лица се поднесени 965 апликации за учество, соопшти Јовановска.