Вицепремиерот Кочо Анѓушев, сопственик на компанијата за трговија со струја ЕДС, денеска го потпиша договорот со Грчката национална компанија за производство на струја ППЦ, со кој ЕДС станува целосно во сопственост на грчкото електростопанство.
Како што соопштија компаниите, ЕДС, која преку своите подружници работи во Словачка, Унгарија, Романија, Хрватска, Србија, Црна Гора, Косово, Македонија, Грција и Бугарија, е продадена за 4,8 милиони евра.
– Со овој договор зад ЕДС имаме гигант во производство на струја што се очекува дека ќе ја направи ЕДС поконкурентна на пазарот. Тоа значи дека клиентите ќе имаат добри услови и уште поголема сигурност – изјави Анѓушев.
На сличен став е и главниот извршен директор на ППЦ, Емануел М. Панајотакис.
– Со купувањето на ЕДС, исклучителна компанија која за неколку години се разви и стана значајна компанија за трговија со електрична енергија, ППЦ влегува на пазарот за електрична енергија на нашата соседна земја на најдобар можен начин. ЕДС во сопственост на ППЦ ќе стане уште помоќна компанија, со оглед на портфолиото што го имаме и развојните планови дефинирани за време на купувањето – рече Панајотакис.
ППЦ е една од најголемите компании во Југоисточна Европа од областа на енергетиката, со вкупна актива од повеќе од 15 милијарди евра и годишни приходи од над 5 милијарди евра. Нејзината основа дејност е производство, дистрибуција и снабдување со електрична енергија во Грција за 7,3 милиони потрошувачи и има пазарен удел од околу 85 проценти.
ППЦ е исто така сопственик на електродистрибутивната мрежа на Грција којашто стопроцентно ја води филијалата „ХЕДНО”, како и на ППЦ Обновливи извори – една од пионерските компании во Европа за производство на електрична енергија од обновливи извори.
ППЦ има подружници во Бугарија, Турција и Албанија.