Градоначалничката на општина Битола конечно после 4 месеци молк се одважи да присуствува на една седница на Советот на општина Битола.
За жал впечатокот на нас како советници а и за сите граѓани кои ќе го гледаат нејзиниот настап и обраќање од говорницата во советот е дека не и е јасно дека веќе 6 месеци е градоначалник на општина Битола. Веројатно подрага и беше функцијата на советник во Советот на општината.
Добивме можност да поставиме советнички прашања, за жал не добивме никакви конкретни одговори и во манирот на досегашното владеење на оваа нова збунета и конфузна алиби власт на СДСМ и коалицијата и на локално и на централно ниво добивме неконкретни, збунувачки одговори на навистина конкретни прашања кои што не не интересираат само нас како советници, туку ги интересираат граѓаните на општина Битола.
Само се потврди впечатокот дека новата градоначалничка што не ни толку нова, бидејќи изминува и 6 месеци односно половина година од преземањето на локалната самоуправа, не планира ништо да сработи во останатите нешто повеќе од три години до крајот на нејзиниот мандат.
Добивме потврда за непотизмот кој што владее за вработувања на роднини и функционери и во општинската администрација и во делот на јавните претпријатија во општина Битола. Добивме потврда дека не ја исполнува својата законска обврска да ги потпишува легализациите на безправно изградените објекти во општина Битола. Добивме потврда дека ќе има поскапување на цените на водата и на услугите кои што ги дава јавното претпријатие „Нискоградба“.
Сите овие работи уште дополнително говорат за лицемерието на СДСМ кое што беше гласноговорник дека ќе има живот за сите. Вака произлегува дека има живот само за блиските и функционерите на СДСМ.
Исто така уште една потврда која што ја добивме е дека градоначалничката немала магично стапче да го исчисти воздухот, значи Битолчани ќе дишат загаден воздух следните три и пол години поради незнаење и немање волја и огромно лицимерие изминатиот период додека таа беше советник како опозиција во Советот на општина Битола.