Во Долнени денеска е потпишан договор за концесија за истражување мермер вреден 7,3 милиона евра. Површината е 4,6 километри квадратни на локалитетот Самарница кој е две третини во Долнени, а една третина во Прилеп. Концесионерството го доби македонско-турската компанија „Волостон“ која ќе вложи и уште 22 милиони евра и ќе вработи 500 луѓе. Од 7,3 милиона евра 78 отсто или вкупно 5,7 милиона евра ги добија Долнени и Прилеп, а ќе бидат за инфраструктурни проекти.
Договорот за концесионерство во просториите на општина Долнени денеска го потпишаа министерот за економија Крешник Бектеши и претставникот на фирмата „Волостон“ Абдулметали Буши, претставник мна македонскиот дел од компанијата.
Според Буши компанијата ќе почне да работи веднаш штом ќе се среди документацијата за концесионерството.
- Вложивме околу 7,3 милиони евр за концесијата и планираме за четири години да вложиме уште 22 милиона евра. Ќе има голема фабрика. Во првата година ќе има 100, а потоа вкупно 500 вработени. Станува збор за бел мермер и ќе се пласира во Азија, Европа, Кина, Кореја и Малезија, вели Буши.
За министерот Бектеши ова е пример за поттик и на домашните компании и со владините мерки да се зголемува бројот на работните места.
- Оваа концесија постигна највисока цена досега и е најдобар пример за поттик и на домашните, како на странските компании. Тоа е најавено и со владините економски мерки со кои им се дава поттик на домашните компании, на креирањето нови работни места и на извозот, рече Бектеши.
Парите што ги добија двете општини Долнени и Прилеп, веќе се легнати на нивните сметки. Од нив за Долнени се 3,7, а за Прилеп два милиона евра. Наменети се за инфраструктурни проекти.
- Во Долнени има села кои немаат водоводи, некои треба да добијат и патна инфраструктура. Но мора да кажам дека дел од средствата ќе одат на покривање на долгот од два милиона евра што го наследивме од претходната локална самоуправа, вели Џемил Ќамили, гардоначалник на Долнени.
- Во Прилеп секако дека парите се наменети за инфраструктурата, а имаме и проекти и најдобро ќе ги искористиме во интерес на граѓаните, изјави прилепскиот градоначалник Илија Јованоски.
На потпишувањето на договорот присуствуваше и министерот за животна средина Садула Дураки. Претходно министерот за економија Крешник Бектеши ја посети и општина Прилеп.