Владата ќе направи се „Крамфилд“ да биде инвестиција во Пробиштип и таму да има фабрика, изјави вицепремиерот за економски прашање Кочо Анѓушев,одговарајќи на пратеничко прашање од Емил Димитриев зошто има пролонгирање во изработка на доводот на електрична енергија до индустриската зона во Пробиштип со што се загрозува потенцијална инвестиција од 30 милиони евра и 700 вработувања.
Вицепремерот посочи дека досега имал пет-шест состаноци со претставници на „Крамфилд“ и бараат решение, без разлика што нивното потекло е од Девствени острови и Белизе.
- „Крамфилд“ очекувал како инвестиција да добие приклучок на трафостаница од 110 КВ, за задоволување на потребите, а станува збор за леарница. Ние му понудивме две опции. Една, да биде приклучен на дистрибутивната мрежа, а притоа да ги користи мерките од новиот закон за поддршка на инвестиции. Доколку државата му направела трафосатница на „Крамфилд“ тоа ќе било бенефит од два милиони евра. Ние пресметавме и ги викнавме претставниците од „Крамфилд“ да инвестираат под новите закони со кои дополнително ќе бидат поддржани и ќе бидат запазени сите законски рамки, но тие сепак инсистираат на трафостаница што мене не ми е логично кога истите и поголеми бенефиции ги добиваат со новиот закон, рече Анѓушев.
Посочи дека ги прават сите напори за секој инвеститор што ќе дојде да биде поддржан и ги повика „Крамфилд“ ако е сериозен инвеститор да дојде и инвестира.
Претходно Анѓушев го образложи проблемот што го наследил со „Крамфилд“.
- Државата го заложила МЕПСО да изгради трафостаница од 110 КВ во вредност од милион евра за поврзување на целата индустриска зона. Проблемот настанува 2016 година кога државата му дава земјиште на Крамфилд за изградба на трафосатница, а Крамфилд го отстапува тоа место на МЕПСО. Меѓутоа, договорот го поништува правобранителството поради неможноста МЕПСО да гради на земјиште добиено како дел од инвестциија од друга фирма, рече Анѓушев.