Поранешниот пилот на Мерцедес, Нико Розберг откри што морал да направи, меѓу другото, за да ја освои титулата во Формула 1 во 2016 година.

Германецот се фокусирал на двете единствени нешта кои биле навистина важни: неговото семејство и како да се победи следната трка, за да се приближи уште повеќе до посакуваната цел.

Во 2014 и 2015 година тој заврши на второ место, па одлучи да направи максимални напори во 2016 година.

- Решив да се ослободам од апсолутно сè во животот што ме дефокусира, и да се концентрирам само на едно - всушност две работи - семејството и како да го освојам претстојното натпреварување. Го избришав Фејсбук профилот, престанав да читам вести и мислев само за најважното. Кога бев дома гледав како да се опоравам на најдобар начин, како да тренирам подобро за да се подготвам и истовремено да сум свеж, изјави поранешниот шампион во Ф1.

Тој додаде дека имал посебен режим на исхрана, па дури и се консултирал со доктор како да спие добро.

- Целосна концентрација. Сето тоа ми помогна да дојдам до највисоко можно ниво. И не мислам дека некогаш можам да бидам подобар од тоа, оцени Розберг.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/04/2018 14:27