Жената е силна, жената има можности и треба да и се отворат патиштата, нагласи Мери Ен Рукавина Ципетиќ, директорката на ГТФ Инцијативата за одржлив раст од Хрватска, на денешната промотивна конференција за проектот „We make: Женско претприемништво за конкурентност“.

Таа наведе дека, проектот што е финансиран од Европската унија, а спроведуван од страна на Иницијативата и Здружението на бизнис жени од Македонија, е малку поразличен од останатите бидејќи не е фукусиран да им се помогне на жените, туку да и се помогне на Македонија преку жените.

- Целта е жените да и помогнат на Македонија да биде поконкурентна, бидејќи тоа досега недостасуваше. Да се зголеми конкурентоноста преку извоз, преку новите технологии, преку „зелено“ претприемништво, социјално претприемништво и се останато, истакна Рукавина Цепетиќ.

Директорката на ГТФ Иницијативата за одржлив раст посочи дека жените често се поподготвени да прифатат нови начини на работење и поради тоа ги гледаат како главен адут.

- Во проектот ќе бидат вклучени и девојки од средните училишта од сите осум плански региони, наведе Рукавина Цепетиќ, потенцирајќи дека Македонија има апсолутно поволна бизнис клима, но има проблем во неконкурентноста, што потекнува од сфаќањата на луѓето тука, поради тоа ние вложуваме во луѓето во знаењето за да се подигне свеста.

Валентина Дисоска, претседателката на Здружението на бизнис жени изјави дека, исто така, проектот подразбира и поддршка на жените претприемачи за вмрежување, извоз и кластеринг, како и поврзување со институциите и граѓанските организацииво избраните општини од осумте плански региони, каде проектот се реализира: Битола, Струга, Велес, Тетова, Куманово, Штип, Струмица и Скопје.

- Во тек на проектната реализација ќе биде воспоставен и достапен за пристап и употреба WE MAKE веб портал, што предвидува функционален виртуелен инкубатор, хуб за извоз и за он лајн тренинзи, како и редовно информирање на сите заинтересирани, постоечки и потенцијални претприемачи, за сите новини и отворени можности, информира Дисоска.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/04/2018 16:47