Мислам дека ДУИ го има промашено комплетно политичкиот дискурс. На темата плукај го ВМРО-ДПМНЕ, достигнаа до кај што достигнаа. Тие губат од тие што се со нив во владата. Така што се додека тие вака се обидуваат да не ги решаваат реалните проблеми на Албанците, се додека се обидуваат да бараат ѓаволи во ВМРО-ДПМНЕ ќе останат на тоа ниво и наместо 20 ќе имаат 10 пратеници, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во неговото гостување на ТВ 21.
Мицкоски потсети дека ВМРО-ДПМНЕ не им сметаше на ДУИ цели 9 години во влада за да добиваат одредени привилегии и сега се одлучиле за таква политика која според него е погрешна, бидејќи албанското гласачко тело веќе им бега кај нивниот коалиционен партнер.
– Претензијата за ловење на албански гласови на тема ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ ја достигна. Мора да им понудат на Албанците повеќе ако сакаат да мрднат повеќе. Со ВМРО-ДПМНЕ како тема постигнаа 10 пратеника, вели Мицкоски.
Тој потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ не преговара на национални теми туку на принципиелни, како од државата да се направи подобро место за живеење и доколку има предвремени парламентарни избори кои ги бараат поради целокупната ситуација која се случува во Република Македонија, ВМРО-ДПМНЕ ќе бара гласови од сите граѓани во Република Македонија, без разлика на нивната етничка припадност.
– Се разбира ќе понудиме политики кои што ќе понудат решенија за сите нивни проблеми или барем за најголемиот дел од нивните проблеми кога ќе ја формираме владата. Затоа внимателно ќе ветуваме, многу наука ќе имплементираме во делот на понудата која ќе ја дадеме пред граѓаните и јас сум сигурен дека ВМРО-ДПМНЕ ќе издвојува победа, нагласи Мицкоски.