Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека можеби не успеал да го убеди претседателот на САД Доналд Трамп да се придржува на меѓународниот договор со Иран.
Шефот на Белата куќа договорот со Иран го нарече „луд“, а Макрон сега со иста придавка ги нарече честите промени на американската глобална политика.
- Мојот став е дека тој ќе се откаже од овој договор од внатрешнополитички причини, изјави Макрон на крајот од тридневната посета на САД.
Трамп има рок до 12 мај да одлучи дали Вашингтон ќе продолжи да се придржува кон овој договор, наменет да го спречи Иран да дојде до нуклеарно оружје или повторно ќе воведе санкциите на Техеран.
Американскиот претседател остро го критикуваше договорот со Иран потпишан од страна на администрацијата на неговиот претходник Барак Обама, оценувајќи го како „луд".
Макрон, по говорот пред студентите во Универзитетот Џорџ Вашингтон, со сличен речник, ги опишал честите промени во позициите на САД во врска со глобалните прашања, вклучително и климатските промени и договорот со Иран.
- Тоа може да функционира на краток рок, но тоа е многу лудо на среден и долг рок, рече францускиот претседател.