Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун и претседателот на Јужна Кореја, Мун Џае-ин пред вториот круг разговори посадија бор на границата помеѓу двете земји. Тие открија спомен плоча на која е напишано „Садиме мир и просперитет“.

По завршувањето на првиот круг разговори портпаролот на јужнокорејскиот претседател Јун Јунг-џан изјави дека Мун и Кин имаа „сериозни, искрени“ разговори за денуклеаризација на Корејскиот Полуостров и постигнување на траен мир.

- Двете страни пишуваат заедничко соопштение и двајцата лидери ќе го објават кога ќе биде завршено, наведе Јун.

Севернокорејскиот лидер денеска првпат ја помина границата и пристигна во пограничното село Панмунџом, каде беше пречекан од Мун, кој го пофали поради „многу храбрата одлука “ да пристигне во Јужна Кореја на историска средба.

Ким пристигна во придружба на неговата помлада сестра Ким Јо Џонг, поранершниот шеф на разузнавачката служба Ким Јонг-чол, кој е задолжен за односите со Сеул.

Ким по преминувањето на јужнокорејската граница изјави дека срцето „цело време му чука како лудо“, а потоа и Мун ја помина границата иако тоа не беше предвидено со протоколот.

Јун коментирајќи го преминувањето на Мун на севернокорејска територија истакна дека тоа било спонтано.

- Откако Ким Џонг-ун премина на јужнокорејска територија, претседателот Мун праша кога тој ќе може да стапне на севернокорејско тло. Ким Џонг-ун веднаш одговори - може и сега и го фати претседателот за рака и го однесе зад демаркационата линија, наведе Јун.

Јужнокорејскиот претседател пред средбата изјави дека има големи очекувања и оти ќе успеат да постигнат договор, кој ќе биде „голем подарок за целиот корејски народ и секој мирољубив човек на светот“.

Поради средбата на Мун и Ким протестираа стотина јужнокорејски конзервативни активисти. Тие запалија и две хартиени севернокорејски знамиња, на кои имаше слики од Ким, неговиот татко и дедо.

- Поднеси оставка Мун Џае-ин, извикуваа демонстрантите.

Во првиот круг разговори Мун и Ким разговараа за денуклеаризација и за постигнување на траен мир на Корејскиот Полуостров.

- Двајцата лидери имаа искрен и едноставен дијалог за денуклеаризацијата и воспоставување на траен мир на Корејскиот Полуостров и развивање на билатералните односи, посочи портпаролот на Мун, Јун Јунг-џан.

Тој наведе и дека сестрата на севернокорејскиот лидер, Ким Јо Џонг, која е дел од делегацијата на Северна Кореја, предложила да се забрза обединувањето на двете Кореи, додека Мун предложил двете земји да се поврзат со железничка линија.

- Претседателот Мун истакна дека тоа (железничката линија) ќе придонесе за економската соработка меѓу двете земји, наведе Јун.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/04/2018 09:25