Кремљ денеска соопшти дека историскиот самит на лидерите на Јужна и Северна Кореја претставува многу позитивна вест, додека Јапонија наведе дека „апсолутно не смее“ да биде исклучена од процесот на денуклеаризација.

Во соопштението на Кремљ се посочува дека рускиот претседател Владимир Путин долго време заговарал директни разговори помеѓу Сеул и Пјонгјанг.

Јапонскиот премиер Шинѕо Абе изјави дека го поздравува денешниот самит на Јужна и Северна Кореја како позитивен чекор. Тој додаде дека очекува Пјонгјанг да преземе конкретни чекори за намалување на тензиите на Корејскиот Полуостров, со цел да ги исполни дадените ветувања.

Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп оцени дека „после фуриозната година на ракетни проби и нуклеарни тестирања сега се одвива историски состанок меѓу Северна и Јужна Кореја“.

- Се случуваат добри работи, но само времето ќе покаже, напиша Трамп на Твитер.

Претходно, и Кина го поздрави денешниот самитот меѓу Јужна Кореја и Северна Кореја, оценувајќи дека тоа е „историски чекор“ кон мирот.

Во меѓувреме, шефот на британската дипломатија Борис Џонсон го поздрави самитот на Јужна и Северна Кореја, но истакна дека не очекува многу.

- Многу сум охрабрен од тоа што се случува. Но, секој што ја следи историјата на плановите на Северна Кореја за развој на нуклеарното оружје сака да биде премногу оптимист во овој момент. Но, јасно е дека средбата на двајцата лидери е добра вест, истакна Џонсон во седиштето на НАТО.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/04/2018 12:03