Вработените во прилепски „Еурокомпозит“ од 12 до 14 часот го блокираа патниот правец Прилеп-Градско на излезот од Прилеп. Според претседателот на синдикатот Роберт Богданоски, ништо не е подорбено и не е исполнета најавата дека по назначувањето вршител на должноста директор, до 26 април ќе биде исплатена втората плата според договорот со Владата.
- Повеќе од десет месеци иста е ситуацијата. Имаме договор со владата, но не се почитува. Ни беше речено дека по назначувањето на в.д директорот, до вчера најдоцна да земеме втора плата, а од првата поминаа повеќе од два месеца. Но нема ништо од најавите. Бараме владата конечно да решава што со фирмата. Во вторник, со првомајскиот марш ќе протестираме во Скопје и остануваме пред Владата додека не добиеме конечно одговор што ќе биде со компаниајата, рече Богданоски.
Вршителот на должноста директор на „Еурокомпозит“ Гоце Јагуриноски, назначен пред една недела од Управниот одбор, изјави дека се уште нема депонирано потписи и не може да се исплаќа ниту плата. Од Владата му било речено дека треба да има овластен потписник и ќе има средства.